Monday, March 19, 2012

Народни песни од егејска Македонија втор дел

Ристо, мили синко,
Кажи, Ристе,кажи.
Шо греои имаш,
Шо толку ми тргаш
Време три години
Та и шес месеци?
Мајко, мила мајко,
От шо ме опитваш
 Право ќе ти кажа.
 Кога бе андартче
Со кусо фустанче,
Кога врве по врвои,
По врвои и планини,
 По зелени гори,
 По студени води,
 На пат си намери
Момче и невеста.
В раце си носеја
 Едно машко дете,
Тргна му го закла
Како рудо јагне.
Мајка му ја наврти
Рошки да собери,
 Татко му го наврти
Оган да запали
Ражен да направи.
Дете го опекоја
Како рудо јагне.
Кога го печеја
Роса ми зароси.
Јас ги наврти
Од него да јаде.
 Ристе, мили сине,
 Колку шо си тргал
 Уште тритолку да тргаш,
 Црвја да црвосаш,
На река да оде,
 Вода да се напие
 и во тебе да влезе
 Од тебе да јаде.

Ристана Марковска с. Желево

Шо лоша среда осуна,
Излезе Коте од дома.
Го нема Коте да дојде,
Излезе Божин од дома
 Да ми го бара Котета.
На пат ми намери момиче:
 „Е, море, чичко Божине,
Шчо по пат одиш и плачеш?"
„Е, море мало момиче,
Ти мене шо ме опитваш
Ка тебе ќе ти кажа.
Излезе Коте од дома
Го нема Коте да дојде,
 Да не го виде Котета?"
 „Е, море, чичко Божине,
Онамо горе легнат е,
Легнат е и заспан е."
 Кога ми ојде дур тамо
 Шо виде чудо големо:
 Котета ми го заклале
 Ка рудо јагне од мајка.
 Кога завикваше татко му
Дал беше јаре ил јагне ,
 Как ти дутмани нош тргнаа
Кога завикваше татко му
Од ведриница грмеше.
Кога ми дојде мајка му
 Од ведриница грмеше
Грмеше и крвава роса росеше:
„Стани ми Коте, сине на мајка,
 Стани да ги видиш твојте
                                  другари
Свеќи и ламбади ти пале."


Ристана Марковска с. Жеелво

Си зедов мало момче,
 Си го пратив на орање.
 Скокна грутка го поплати. 
Срачка грачи абер ми носи, 
Та си појдов на нивата
 Чепни тамо, чепни тука,
 Си го најдов под грутката,
 Си го зедов во футата, 
Си го донеков дома,
 Си го кладу прекај огно,
 Скокна искра ,го изгоре,
 Си останав и без него. 
Ле ле, ле ле.

Стојна Лангова с. Герман

Привечерала Ѓурѓа
Малце пок'снала:
Една еребица, пуста препелица.
Шарена Ѓурѓа мома писана,
Привечерала Ѓурѓа
Малце пок'снала:
Две кокошки снесни,
Една еребица, пуста препелица.
Шарена Ѓурѓа мома писана,
Привечерала Ѓурѓа
Малце пок'снала:
Две гулаби летни,
Две кокошки снесни,
Една еребица, пуста препелица.
Шарена Ѓурѓа мома убава.

Елена Милкова  Ениџе Вардар

Поминала лисица 
Покрај река Ситница.
 „Доброутро, цуцуле!"
 „Добро ми дојде, лисице!" 
„Шо е врева во село?" 
„Комар ми се женеше
 За мушичка девојка,
 Мечка тесто валеше 
И поеќе го лапаше,
 Мрава вода носеше, 
Поеќе ја плискаше,
 Петел борина цепеше, 
Поеќе ја лушчеше."

Ристана Марковска с. Желево

Оти веилш додо Нешо
 Главата ме боле? 
Оти велеш додо Нешо 
Главата ме боле? 
На главата фино фефче
 Одгоре пискулче. 
Оти велеш додо Нешо 
Челото ме боле? 
На челото алтанче. 
На главата фино фефче
 одгоре пискулче,
 Оти велеш додо Нешо 
Веждите ми болат?
 На веждите црнилце, 
На челото алтанче, 
На главата фино фефче,
 Одгоре пискулче. 
Оти велеш додо Нешо
 Очите ме болат?
На очите зрзалца, 
на веждите црнилце, 
На челото алтанче,
 На главата фино фефче,
 Одгоре пискулче, 
Оти велиш додо Нешо 
Ме боли лицето? 
На лицето белилце 
На челото алтанче,
 На главата фино фефче,
 Од горе пискулче. 
Оти велиш, дадо Нешо, 
Грлото те боле? 
На грлото герданче,
 На устата червилче, 
На лицето белилце, 
На веѓите чернилче, 
На челото алтанче,
 На главата фино фејсче, 
Од горе пискјулче. 
Оти велеш, дадо Нешо, 
снагата ти боле? 
На снагата фустанче,
 На грлото герданче, 
На устата червилче, 
На лицето белилце, 
На веѓите црнилче, 
на челото алтанче, 
На главата фино фејсче, 
Од горе пискјулче.
 Оти велиш, дадо Нешо, 
Крстчето ти боли? 
На крстчето коланче,
 На снагата фустанче, 
На грлото герданче,
 На устата црвилче,
 На лицето белилце, 
На веѓите црнилче,
 На челото алтанче,
 На главата фино фејсче, 
Од горе пискјулче.


Елена Тушијанова, Ениџе Вардар

Биеш ме биеш мжо
 Зашто ме биеш
 Оти си го носам мжо
 Белото фустан
Белото фустан и срмали колан
Ти не ми го купи мжо
Жал да ти биде
На мен ми го купи
Нашето комшиче
Нашето комшиче
Кир Александро
За мојто мерак
За твојто инат
Јас да го носам
Теб да ти пукам

Елена Тутијанова, Ениџе Вардар

Ајде орли црноглавци, 
Се да јајте да изјајте,
 Руса глава оставете,
 Кренете ја, занесте ја,
 Дека пери мојта мајка,
 Мојта мајка изгорена, 
Три ко мене закопала
 И со мене три — четири.

Ристана Марковска, с. Желево

Каде ти е, бабо, руса Донка?
 Донка ти е налутена, зету бре, 
Зошто љубиш друго либе, сем
од неја.
Ако љубам, бабо, друго либе сем
од неја,
Кон да вјана, кон да пукни под
мене.
Уште лафо недоречен, кон си
вјана,
Кон му пукна под него. 
Ако љубам друго либе сем од
неја
Да ми пукне мојте очи и нејните. 
Уште лафо недоречен, 
на двајцата му пукнале.

Велика Мојсова, с. Желево

Вечерајте леле, леле,
Вечерајте, мила мајко, не чекајте,
Мене Турци ме фатија, 
Ќе ме носат Турско село,
 Леле, леле, леле, 
Турско село бо Ракипско, 
Ќе ми сече руса коса, 
Ќе ми врте мојте очи, 
Ќ.е ми сече мојте нози,
 мојте нозе до колена, 
Мојте раце до рамена.

Велика Мојсова, с. Желево

Излегов, мамо, да се рашетам
 Низ лозје низ бело грозје, 
Низ това поле широко. 
Там си го најду, мамо, лудото
 На мермер плоча седеше, 
Лута ракија пиеше,
 Од мене мезе сакаше, 
Од мојте бели пазуви. 
Од мене вечера сакаше, 
Од мојто лице бело црвено.
 Од мене постела сакаше,
 Од мојта рамна снага висока.

Стојна Лангова, с. Герман

Песните се објавени во 1967 година

No comments:

Post a Comment