Monday, February 21, 2011

Евреите во Македонија

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, по долги и мошне добро подготвени акции, бугарската фашистичка полиција и војска во Скопје, Битола и во Штип, почнала со собирањето на Евреите во бугарскиот фашистички концентрационен логор во скопскиот Монопол. На пат до логорот Треблинка во затворени вагони и без вода, со претходно посолена храна, многу деца, жени и стари лица им подлегнале на тешките услови. Жртвувањето на Евреите од Македонија од страна на фашистичка Бугарија за да се задоволат барањата на сојузникот - Хитлерова Германија, е само еден од многуте егзодуси кои окупаторите на Кралска Бугарија го сториле на почвата на Македонија, во својата како што официјалната бугарска историографија практикува да каже "ослободителна мисија". 

Потоа, сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Факти кои сведочат за ужасната нечовечност на човештвото. 
Од Треблинка не останал ниту еден сведок за да може да раскаже за уништувањето на еврејското население од Македонија. Злосторство кое болно одекнува во свеста на секој Македонец. Денес со горчина и со болка се потсетуваме на голготата на македонските Евреи, и се прашуваме дали холокаустот е можеби највисоката сурова точка над која се издигнало човештвото? 
Еврејската заедница во Македонија денес ја негуваат традицијата на заемен живот со македонскиот народ и дејствуваат во настојувањата да не се повтори холокаустот на еврејскиот народ. 

Според историските податоци - македонските Евреи се потомци на една од етничките групи наречени Сефарди, кои на Балканот, поточно во Македонија, дошле по шпанската инквизација во 1492 година. Тие се семитски народ и верска заедница со потекло од Месопотамија. Историјата им почнува со номадскиот период. По традиција, врз основа на говорниот јазик се делат на две етнички групи, Сефарди, по потекло бегалци од Шпанија и Португалија, и Ашкенази, северни и средноевропски, германско-полски-руски Евреи. 

Со доаѓањето во Македонија тие и натаму го задржуваат шпанскиот јазик како свој, но говорат и хебрејски. Поради принудните миграции, Евреите се раселени на сите континенти, а поделбите ги опфаќаат американските, австралиските и донекаде северноафричките Евреи. 
Најголем дел од Евреите од Скопје живееле во познатото Еврејско маало, кое се наоѓало на левиот брег на реката Вардар, веднаш под Калето, од неговата јужна страна. Еврејската заедница во Скопје, иако формирана релативно во конзервативна средина, во тој период мошне брзо почнала да ги прифаќа новите идеи и с# повеќе се интересирала за науката и за политиката, за социјалните и за другите проблеми. Во годините на нејзиното постоење Еврејската заедница се наметнала како влијателна социјална, културна и економска организација, која доследно ги негувала и ги почитувала еврејските обичаи и традиции. 

За жал, катастрофалниот земјотрес од 1963 година до темел го разурнал Еврејското маало. Со депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка засекогаш била уништена и последната трага од виталната заедница која тука постоела со векови. Сеќавањата и фотографиите на нивните потомци, како и на Македонците кои биле сведоци на нивната голгота, остануваат како аманет за сегашните и за идните генерации, најсвето и најдостоинствено да го негуваат и да го почитуваат споменот за македонските Евреи. Македонската почва низ историските премрежија претрпела бројни неправди и трагедии меѓу кои се вбројува и еврејската голгота. 

No comments:

Post a Comment