Friday, January 14, 2011

Македонското прашање и комунистите

I

Невозможно е обликување на револуционерна пролетерска партија во Грција без борба против национализмот воопшто, а посебно во однос на македонското прашање. Национализмот на ККЕ (КП Грција) не само што ја олеснува предавничката политика на класна соработка - „Народниот фронт“ (истото е точно и за Архивата [A] со нејзиниот провокативен шовинизам за македонското прашање и нејзината срамежлива народно-фронтовска политика). Ја олеснува нејзината капитулација пред Диктатурата (диктатурата на Метаксас од 1936); а ќе се одрази недвосмислено и за време на војната, со социјал-патриотските ставови и на другите полиња, на пример на националното прашање за луѓето на Додеканезите, Кипар (Додеканеските острови со претежно грчко население беа под италијанска окупација).
Тука треба да се наведат документи за историјата на нашата теорија и нашата политика воопшто за националното прашање. Ќе споменеме некои.
Дискусиите во германската социјалдемократија (посебно на австромарксизмот, „Прашањето на националностите“ од Бауер, одговорот на Кауцки) се водеа околу општа теорија, што е нација итн. Бауер го сметаше јазикот како критериум за нација, Кауцки сметаше на културните елементи (Kultur) и заедничкото историско искуство [B]. Нивната заеднички исход: мирна реформа во рамките на завршениот факт за злоупотребите на „нашата“ национална буржоазија.
Теоријата на болшевизмот го поставува прашањето на националностите во руската империја врз основите на револуционерниот марксизам, на ист начин како и Маркс за Ирска. Лениновите дискусии со „бундистите“ и Роза за полското прашање ги изнесе на виделина исправните ставови и нашите задачи во епохата на империјализмот и светската социјалистичка револуција. Сталин во една од неговите мали брошури изнесе опортунистички погледи, кои ги нападна Ленин како такви. За жал ги немаме точните елементи за таа полемика, која патем е од секундарно историско значење за нашата тема. Бундистите [C] и сите опортунисти во руската социјалдемократија ги подржуваа австромарксистичките погледи (на срамежлив национализам и пацифизам). Тоа е првата тенденција на која се спротивставија руските марксисти, Ленин, Троцки. Втората беше механичката центристичка, која се сведуваше на служење на царизмот за националното прашање, во име на економскиот социјалистички идеал за идната централно организирана економија (во таа насока е антисталинистичката полемика на Ленин за грузиското национално прашање). Третото гледиште кое исправно беше победено е гледиштето на Роза. Нема национално ослободување на поробените националности под капитализам, а посебно полската националност во наше време. Затоа треба да имаме само социјалистички револуционерни слогани за нив, а не национални.
Политиката на болшевизмот за националното прашање беше комплетирано на Вториот и Третиот конгрес на КИ (Комунистичката Интернационала) со ставовите за колонијалното прашање кое е истовремено национално и земјишно прашање. Нашиот фундаментален став за важните одлуки е добро познат. Ќе појасниме неколку работи на кои можеби некој не се сеќава.
1) Ленин и одговори на Роза пред војната: Пред се не е точно дека постигнатата независност на националните држави е невозможна за поробените нации под капитализам пред социјалистичката револуција. На пример, со Норвешка, како што спомна тој. Исто така и со Полска итн.
2) Се разбира само со социјалистичка револуција национално угнетените ќе најдат конечна и вистинска национална слобода. Но погрешно е да се задржи политичкиот нихилизам за националните револуционерни движења и да не се бара да се завртат во помошни сојузнички елементи на општото револуционерно движење за отфрлање на капиталистичката власт низ светот.
3) Лидерите на националноослободителните движења (селанство во колонијалните народи, назадни или не-мали националности во Европа) денес ќе се борат со буржоазијата и со новородениот пролетаријат. Буржоазијата, дури и да доминира во почетокот (Индија, Кина), дури кога се бори на патот на националното ослободување, на крајот ќе се спогоди со угнетувачите или нивните ривали-странски угнетувачи. Од тие причини нашата политика е: Со целиот потчинет народ за самоопределување до отцепување - но независен политички став против предавничката на национал-револуционерните цели на буржоазијата - за пролетерска власт која самата е доволна гаранција за победа против странскиот национален јарем. Борбена комбинација за кршење и на националниот и на социјалниот јарем. (Ленин и Троцки се соочија со истите опортунистички тенденции на индискиот десничарски комунистички лидер Рој на конференциите на КИ посебно на Втората и Третата).
4) Катастрофалните резултати на сталинистичката политика во Кина (1925-27, 1936-40) се предизвикани од сталинистичкиот опортунизам на национал-колонијалното прашање: Напуштање на независната позиција на пролетаријатот.
5) Можноста неодамнешниот пролетаријат на угнетените националности во колонијалните и назадни мали нации да го превземат водството во националноослободителната борба се оснива на а) општиот карактер на епохата б) придонесот на напредниот пролетаријат на метрополите, пролетаријатот на угнетувачките нации.
6) Револуционерниот пролетаријат на угнетувачките нации со одбраната на правото на самоопределување на угнетената националност го исполнува неопходниот услов а) за интернационалистичко образување на масите и нивно целосно одделување од влијанието на идеологијата на владеачката класа, б) за успехот во изградбата на социјализмот, утре. Англискиот пролетаријат кој сега нема да бара национално ослободување на Ирците не е во состојба успешно да бара сопствено социјално ослободување од англиската капиталистичка власт - рече Маркс во средина на минатиот век. Меѓу експлоатираните маси, пролетери и селани, на угнетената националност и пролетаријатот за угнетувачките нации постојат чувства на сомнеж, систематски потхранувани од владеачката класа, на омраза и општо на отуѓеност, непријателство спрема нивните класни браќа и сестри. Елемент на групна психологија кој ја попречува обединетоста на сите експлоатирани во борбата против заедничкиот национален и социјален непријател, и, без двоумење, ќе го поткопа нивното збратимување, утре за изградбата на социјализмот. Овој сомнеж и отуѓување не може поинаку да се победи освен ако пролетаријатот и селанството на угнетената националност не се УБЕДАТ СЕГА дека пролетаријатот на угнетувачката нација е вистински, не само во зборови, во корист на нивно ослободување, дека сега, дури и ВО РАМКИТЕ НА ГРАЃАНСКИОТ РЕЖИМ време е да се бориме со нив за нивно национално ослободување дури и за нивно државно отцепување, ако така тие сакаат.
Болшевизмот го даде ова ФАКТИЧКО образование од времето на царот за бројните угнетени националности на Руската империја, и така ја придоби довербата за новиот доминантен поредок - т.е. кон конфедерална, братска и слободна соработка во задачата за децентрализирана социјалистичка економска реконструкција. Уште е познато дека оваа соработка им даде најширока културна автономија која некогаш не можеа да ја замислат буржоазијата или социјалдемократските теоретичари за националното прашање. Сталинистичкиот апсолутизам денес го укинува предусловот и подготвува нови страшни разделувачки експлозии во голема опасност од она што остана од освојувањето на Октомври (Украина денес!).

II

За македонското прашање другарите Л., Т. и Кр. прилично добро дадоа разни погледи за историското и националното прашање [1]. Непосредните барања на крајот на препораките на другарите Л. и Т. посебно ги заокружува точно нашите погледи. Нивните завршни општи пароли се само апстрактни и затоа немаат супстанцијална карактеристика на комунистички слогани, специфична форма и непосреден допир до широките маси.
1) „Самоопределување на македонската нација до отцепување“ (од државата во која е). 2) „Балканска Федерација на Социјалистички Советски Републики“. Ова треба да бидат нашите општи пароли; сепак не е точно дека ставовите на Архиомарксистите и ККЕ се „бундистички“ или „австромарксистички“. Овие две партии (Архио отсекогаш, а ККЕ од 1932 понатаму) никогаш не се бореа ниту за едно (1) непосредно барање на МакедонцитеТие го игнорираат нивното постоење јасно и гласно и велат дека грчката буржоазија ги расчисти прашањата со двојно подјармувачкото етничко чистење во Македонија, т.е. грчко-бугарската „доброволна“ размена и грчко-турска размена на население. Тие се буквално партиски агенти на грчкиот национализам. Кога се случило сталинистички парламентарец да проговори барем за едно, макар и неважно прашање од непосреден интерес за Македонците во Парламентот? А помеѓу останатите трагедии на таканаречена „Тврдина Акронафплија“ (во која Пулиопулос беше затворен во тоа време)најтрагична е таа на Македонците кои се затворени тука како сталинисти. Слушнавме дека има и Архиомарксист од овој најтрагичен вид.
Во критика на другарите Л. и Т. на стариот слоган на ККЕ (1924-1926) потребно е да направиме појаснување и додадеме за да ги избегнеме грешките кои немаат само историски значај: точно е дека слоганот „Обединета и Независна Македонија - Обединета и Независна Тракија“ на 7-та Балканска Конференција и на Посебната Конференција на ККЕ во 1924 не беше подржан. (Пулиопулос тогаш беше генерален секретар на ККЕ)
1) Не постои такво нешто како тракиска нација. Мешањето на Турците и Грците (Бугарите секогаш тука биле мало малцинство) не го поставува националното прашање таму во таа форма („тракиска нација“ како во времето на доријскиот упад - ова е очигледно.
2) Според тоа овој слоган го признава македонското прашање како територијално, а не како национално што и е. Македонија е територија која ги доведува до забуна бугарските националистички „автономисти“ и тие кои бараат слобода за македонскиот народ. Овој народ е конкретен само во дел од географскиот ентитет кој е наречен „Македонија“. Се разбира (а тука препораките од другарите Л и Т се најзадоволителни) револуционерната политика не ја разгледува целата проблематика статистичко-територијално, како што прават етнолозите и „социјалистичките“ лакеи на балканската буржоазија, туку динамички- револуционерно, и го остава дефинирањето на националните територии на вистински слободна волја на заинтересираните страни во братски односи. Но забуната што лошата формулација на нашите пароли ги погодува масите на угнетените и угнетувачките нации, може да ја попречи наместо да ја помогне целта на нашата интернационалистичка политика. И навистина ним им помогна: без поголема тешкотија грчкиот пролетаријат ја прифати супершовинистичката политика на ККЕ која ја наследи таа погрешна парола! Каков стравичен хаос се создаде во главите на сите борци и како тоа го попречува и ќе го попречува интернационалистичкото образование на нашата Партија!
Но грешката на тие слогани не е Тракија (која беше толку неважна, та недостасуваше од документите на ККЕ сè до 1 декември 1924 – таква беше стварноста!) ниту „неоснованата“ стварност на формулирањето на македонски слоган. Тие пароли се вистински опортунизам од најсилен авантуристички вид. За тие кои не се запознаени со анализата на првата лева опозициона група на ККЕ (се однесува на групата „Нов почеток“ на Пулиопулос сеуште членови на ККЕ во 1927)и подоцна тие на „Спартакос“ (теориски орган на Пулиопулос по исфрлањето на неговата група од ККЕ) во врска со ова најважно прашање, ќе појасниме тука.
По првиот (1923) и вториот (1924) бугарски пораз и по големиот германски пораз од 1923 (есента) сталинистичката бирократија почна да се стабилизира и сериозна ја поткопа Интернационалата (авантуристичкиот период на Зиновјев-Сталин (1924-1926)) и се центрираше на европската политика околу националните револуции (Радиќ, Словенците, Чесите, Украинците, Македонците итн.). Говорникот Мануилски на 5-от конгрес (1924) рече: „Бомбата што ја ставаме за успех на европската револуција сега се националните револуции“. Централно прашање кои ги засени сите други на 5от конгрес беше националното. Тогаш ККЕ се задолжи да го стави македонското прашање во центар на својата политика затоа што – како што изјавија Димитров и Коларов во Москва – „само така ќе ги победиме комитите, во сојуз со нас за освојување на власта во Бугарија. ККЕ мора да се подготви да даде некаква жртва за бугарската револуција, односно, балканската револуција“. Откако опортунистичките водачи на Бугарската КП го разјадоа движењето, тие паднаа во авантуристичка самоизмама кога поверуваа дека, поради тоа што работниците и селаните не може да ја освојат власта, тие ќе го направат тоа со договор за политички сојуз потпишан во Виена во мај 1924 со Александров и Протогеров [D]. Само за 6 месеци, мрачниот сојуз колабираше со разоткривање на величината на слепилото на бугарската партија – според состав сталинистичка, под водство на Коларов и Димитров. Александров го убија, потоа и Протогеров, а комитите Македонци уште еднаш ја одиграа крвавата улога против комунистичките работници и селани на Бугарија (колежите по пучот на Велигден во април 1925[E]), и падна жртви на „вечното пријателство“ на српската и бугарската буржоазија. Македонското движење како одвоена револуционерна организација беше забранета и во Бугарија, исто така.
Согласно логиката на политичкиот опортунизам спрема македонскиот Комитет, нашата парола не би требало да ги изразува нашите ставови и принципи за националното македонско прашање, ама требало да бара независна Македонија (и Тракија). Затоа и сталинистичката бирократија, која по екстремистичката фаза на зиновјевизам премина во опортунистичката, бухаринистичката, го прати Батулеску како претставник на Интернационалата во Грција. Тој одненадеж предложи да „се повлече паролата“ токму во моментот кога ЦК на Партијата требаше јавно да ги брани на суд (Пулиопулос, меѓу другите како генерален секретар на Партијата) пролетерскиот интернационализам и честа на Партијата. И ЦК со своите ставови ја зачува честа на борбениот пролетаријат и на ККЕ[F], со тоа што го испрати поѓаволите смешниот апаратчик на Сталин, но „бомбата“ на Мануилски се покажа дека не е бомба во основите на европскиот капитализам, туку во европскиот комунизам. Навистина, за една година, целата жестока литература на 1924 за националното прашање се префрли во тажните архиви на сталинизираната Интернационала.
На 3от Конгрес на ККЕ (март 1927) сталинистичкиот претставник на КИ Ремел (по победата над троцкизмот и првата лева опозициона група на ККЕ со клевети, заврши во концентрационите логори во Туркменистан и конечно пред стрелачкиот вод) ја повлече паролата. Типично, се разбира, тој ја насочи против нашата опозиција заради внатрешен престиж на бирократијата, искористувајќи ја општата доверба во Партијата на Лениновата Интернационала и партиската незапознаеност со лево опозиционерското движење, кое што што туку ги напушташе руските граници.

III

1. Koj го побива постоењето на до ден денес нерешеното, национално македонско прашање во грчка, бугарска и српска Македонија, е без сомнеж лакеј на буржоазијата.
2. Кој го побива историското ослободително движење на Македонците, е или неук и мора да ја научи историјата на тоа движење и нејзините национални херои, или е повторно лакеј на една од трите угнетувачки буржоазии.
3. Ова движење до сега е задушувано во крв и предавство, или претрпе штетна, со оглед на интересите на македонските работници и селани, експлоатација од страна на балканската буржоазија (посебно бугарската).
4. Ова движење може повторно да се развие под нови поволни историски услови – социјални, економски (безмилосната експлоатација на македонските маси од освојувачките национални буржоазии, аграрното прашање итн.) политички (внатрешна криза на балканските држави, војна) и културни услови.
5. Кој ја побива оваа можност е слеп или се прави слеп, ако не е лакеј на националистичките подјармувачи на многу-страдалниот македонски народ.
6. Комунистите, соочени со скршените и предадените национално-ослободителни движења или со етничкото чистење и подјармување на нивните национални буржоазии не ги затвораат очите и не стануваат обожувачи на „свршен чин“. Тие нема да ја одрекуваат стварност на национално угнетување на нацијата и нејзиниот копнеж (во срцето и душата не секој македонски работник) и да се урне националниот синџир еден ден. Комунистите овие ослободителни копнежи на македонскиот народ ги прават свои и гласно го изјавуваат од сега неговото право за самоопределување, до отцепување ако така посакаат. Тие секојдневно ги бранат непосредните национални барања, економски, политички, културни и така ја подготвуваат идниот револуционерен сојуз на социјалното револуционерно движење на пролетаријатот со националното револуционерно движење на Македонците против заедничкиот непријател: балканската буржоазија.
Панделис Пулиопулос
Акронафплија, мај 1940

Забелешки 
[1] За статистички и етнолошки факти види „Дискусионен билтен на ЕОКДЕ и КДЕЕ“ (ЕОКДЕ е групата на Пулиопулос, а КДЕЕ е друга опозициона група која го разгледувала нивното обединување додека тој бил во затвор) Бр 1 февруари 1940, во статиите за македонското прашање на другарите Л., Т. и Кр. Текстовите на др. Македонци, кои ги дискутираме содржат историски факти за крвавата револуционерна борба на Македонците и нивните национални херои кои толку многу ги сака нивниот народ во неодамнешната историја полна со страдање
Забелешки на уредникот/преведувачот на англиски/преведувачот на македонски:
[A] „Архива на марксизмот“: главен издавачки орган на друга опозициона група, наречени според него архиомарксисти. Тие станаа грчка секција на Левата опозиција, одлука на која ревносно се спротивстави Пулиопулос со неговата анализа „Комунизмот и архиомарксизмот“. Архиомарксистите се одделија од Троцки во 1933.
[B] Пулиопулос, очигледно пишувајќи на памет, го превртел редоследот на нивните ставови: Во својата сложена теорија Ото Бауер предлага дефиниција: „нација е збир на луѓе поврзаани со заедништво на судбина, преку заедништво на карактер“. Во оваа рамка – која само схематски ја претставуваме - тој го сметал заедничкиот јазик за „средство преку кое заедничките културни дела, алатот со кој е создадено и зачувано културното заедништво, како надворешна регулација на обликот на социјална кооперација на индивидуите кои ја чинат заедницата и непрестајно ја пропагираат“, дури треба да се земе предвид дека „ јазикот не е само средство за пропуштање на културните добра, но самото по себе е културно добро“ (Ото Бауер „Прашањето за националностите и социјалдемократијата“). Токму во таа точка е фокусирана критиката на Карл Кауцки „Не разбираме зошто Бауер одбива го ја признае врската, или поточно најсилната од сите врски кои ја држат нацијата во единство и која е очигледна: јазикот. (...) Моќната улога на јазикот во социјалниот живот може да ни помогне да ја разбереме моќта на националното чувство. Напротив, заедништвото на националниот карактер, кое никој не знае како навистина изгледа и кое во пракса не го ремети видливо нашиот колективен живот, не објаснува ништо (...) Само доколку се земе предвид значајот на јазикот за државата тогаш може да ја разбереме целосно моќта на националностите во современата политика“ (Карл Кауцки „Националност и интернационалност“ – статија на критицизам на Бауер) (Д. Платанос)
[C]] Бундисти (Бунд Главен работнички сојуз на Евреите на Русија, Литванија и Полска): Работничка организација на социјалдемократијата која ги прикажува културните особености со кои се оправдува посебна организација на работниците од различни националности. Бундистите ја најдоа теориската основа во австромарксизмот (Карл Ренер и посебно Ото Бауер), кој – сакајќи да одговори на проблемите првенствено на Австро-Унгарија – изложи теорија за националното прашање, вртејќи се околу културните елементи со заклучок заа културна автономија за националностите во граници на обединета држава, независна од националните граници (Д. Платанос)
[D] Александров и Протогеров: По Спогодбата од Неј 27 ноември 1919 тие ја реконструираа ВМРО за одбрана на бугарското малцинство во Македонија. Потоа бараа автономија на грчка и српска Македонија како преодна фаза за анексија од страна на Бугарија. Во 1921, со помош на војската, тие извршија пуч, убивајќи го Александар Стамболиски, водачот на Земјоделската партија, и Јуруков, основач на „Федерална македонска организација“. Тие ја подржуваа диктатурата на Цанков и заедно со војската во крв ја задушија работничката и селанската револуција од 1923, на 12 септември. Во 1924, по несогласувањето со владината политика, Александров потпиша договор со Третата интернационала како претставник на ВМРО дека ќе соработува со БКП за рушење на капиталистичката влада. Бидејќи договорот не наиде на одобрување кај другите комити, тој беше принуден да го повлече потписот од договорот, а потоа и убиен (Д. Платанос). Под другите комити се мисли на комитите-врховисти (АА)
[E] БКП на Велигден ја разнесе црквата во која веруваше деека ќе бидат врвните луѓе на владата на Цанков. Пучот пропадна и беа спроведени брутални напади и масакри врз селаните и работниците на КП (Д. Платанос)
[F] На 24 август 1925 П. Пулиопулос заедно со 23 другари беше обвинет на суд за обид за „раскинување на Македонија и Тракија“. Неговата пет-часовна одбрана е историска. Судењето беше одложено. На 22 февруари 1926 судењето на тн. „автономисти“ продолжи. Судот прекина со судењето и обвинението, но затоа наместо да ги пушти, ги принуди на прогонство на островите Анафис, Аморгос и Фолегандрос (Д. Платанос)

1 comment:

  1. Панделис Пулиопулос
    http://www.marxists.org/ellinika/archive/pouliop/works/1940/05/macedonia.htm

    http://www.marxists.org/archive/pouliop/works/1940/05/commac.htm

    ReplyDelete